Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели, реагира денеска Независната угостителска комора по вчерашното донесување на најновите владини мерки.

НУК смета дека новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита од коронавирусот.

Од Комисијата велат дека се зачудени од реакцијата на независната угостителска комора. Велат дека во изготвување на сите протоколи досега активно комуницирале со угостителите.  Протоколите се на сила повеќе месеци и Комората досега немаше проблем со истите, напротив го поздравија и се согласија со нивното носење.

Објаснуваат дека во изминатиов период трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу луѓето на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави.  Дополнително, во целиот свет и Европа во моментов има есенски бран каде меѓу првите мерки е целосно затварање на баровите и рестораните, а на многу места веќе има нови вонредни состојби. Целта на Комисијата за заразни болести е со помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи, соопштуваат од комисијата.

Откако деновиве земјава бележи рекордна дневна бројка на новозаболени од ковид-19, владата вчера донесе нови рестрикции за работата на угостителските објекти во земјава. Забрането е гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, јачината на музиката да се ограничи до 55 децибели и да се намали бројот на лица кои можат да седат на една маса од 12 на 4-ца, забрането е и стоење на шанк. Министерот за здравство посочи дека ситуацијата се следи и можно е понатаму да се воведат и дополнителни мерки, како ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here