Светската здравствена организација смета дека и покрај глобалната трка да се развие вакцина против ковид-19, брзото, масовно вакцинирање нема да биде можно во скоро време.

„Многумина се согласуваат дека вакцинирањето почнува со здравствените работници и со други работници во истурени редови, но дури и тука треба да се направи проценка кои од нив спаѓаат во најризичните групи. Потоа следуваат старите лица и така натаму. Здрави, млади луѓе можеби ќе треба да почекаат до 2022 година“, изјави главниот научник во СЗО, Сумија Сваминатан.

Во услови кога се зголемува бројот на нови случаи на коронавирус, дури и до 100.000 на ден во Европа, за очекување е и смртноста да расте, предупредува СЗО.

„На глобално ниво, смртноста падна на 5.000 починати на ден, додека на врвот на првиот бран во април таа изнесуваше околу 7.500. Но, треба да се има предвид дека зголемувањето на смртноста секогаш заостанува неколку недели зад зголемувањето на бројот на заразени“, појасни Сваминатан.

Над 38 милиони луѓе досега се заразиле со коронавирус, од кои 1,1 милион починале, но експертите се согласуваат дека вистинските бројки се многу поголеми.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here