Почнуваме со уште една паралелна постапка, забрзана со скратени рокови, за што чекаме мислење од Бирото за јавни набавки, за брзите тестови, за да имаме една количина која може порано да стигне, во однос на она што иницијално го започнавме, изјави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој потенцираше дека се соочуваме со многу силен бран на вирусот, што значајно ги оптеретува сите сегменти  во здравствениот систем, односно, лабораториските капацитети, тестирањата и болничкото сместување на пациентите.

„Разговаравме и за огромната потреба за тестирање и во таа смисла се обезбедија дополнителни капацитети, број на тестови во повеќе институции. На дневно ниво, 150 повеќе во Институтот за јавно здравје, 100, односно двојно повеќе во Центарот за јавно здравје,  што го обезбедуваме со лекар микробиолог кој ќе работи и втора смена и 100 во лабораторијата во болницата Козле, значи 350 повеќе тестирања во текот на денот“, рече Филипче.

Тој посочи дека за во среда е закажан состанок со сите приватни интернисти, вкупно 56 на број во земјава кои имаат договор со фондот, за да може да се вклучат во системот на дежурства во болниците каде се лекуваат пациенти заболени од Ковид-19.

Во однос на болничките капацитети, министерот посочи дека во модуларната болница до Инфективната клиника која неодамна почна да прима заразени од Ковид-19, капацитетот забрзано се пополнува, па оттука бил направен план за обезбедување на дополнителни болнички капацитети.

„Најпрво во болницата во Козле, 40 кревети за кои што има кадар кој таму може да работи, појачан со колеги од Инфективната клиника, една колешка е веќе таму и практично ја организира работата, и припремата на целокупните капацитети. Уште две одделенија се спремаат во болницата ‘8-ми Септември’, со кадарот кој што таму работи. Во текот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде спремен и тој дел, се надевам дека ќе се најде соодветен начин да не се загрози останатиот дел од работата“, рече Филипче.

Како што додаде тој, исполнети се и болничките и инфективни одделенија и во другите градови. Во комуникација со болницата во Куманово, пациентите се праќаат во Скопје, додека во болницата во Штип се прави комуникација со болницата во Кочани за сместување на пациенти.

„Во болницата во Струмица, во текот на овие следни два-три дена ќе се обезбеди целосното функционирање на новиот крак, каде што има централен довод на кислород, тука ќе можат да бидат сместени вкупно 100 пациенти, во моментов има 20-тина на инфективниот оддел, и околу 15 на одделот за интерни болести. Дополнителен капацитет во болницата во Битола се обезбедува на интерното одделение и исто така во болницата во Прилеп.

Во Охрид исто така се менаџира со интерното одделение, тука има слободни кревети, нешто поголем број на исписи имаше во болницата во Гостивар и одделението таму е полупразно, значи може да се сместуваат пациенти доколку треба, во Тетово на располагање се дополнителен број од 100тина кревети, во моментов се сместени 26 пациенти“, посочи Филипче.

Притоа потенцираше дека ова, како што рече, не значи ништо, заради тоа што е многу важен кадарот.

„Се мобилизираат лекарите интернисти од самите болници, за да може да помогнат во лекувањето на овие пациенти, а тука кај нас во Клинички центар, за поддршка на Инфективната клиника, повеќе клиники од интерните гранки, како и институтот за белодробни заболувања, кој што практично број од кадарот го намени да биде на помош на колегите на Инфективната клиника“, рече Филипче.

На денешната седница на Владата, министерот посочи дека е ставена информацијата со која ќе се овласти ресорното министерство да потпише и посебен договор преку заеднички рамковен договор со Европската унија за набавка на лекот Ремдесивир. Со ова, освен преку Светската здравствена организација, лекот, како што најави министерот, ќе биде достапен и преку оваа набавка, која како што рече, се очекува да стигне за многу кратко време, односно, по потпишувањето на договорот. За ова, Филипче додаде дека средства обезбедило Министерството за финансии и дека лекот го обезбедува Европската унија преку Европската комисија.

Во петок пак, се очекува да стигне и најавената помош од 60 респиратори и лична заштита од НАТО. Во однос на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, меѓу кои се предлагаат мерки како задолжителното носење маски на отворено, Филипче рече дека верува дека сите пратеници се свесни за тежината на ситуацијата и дека брзо ќе го изгласаат законот, кој утре треба да се најде „на маса“ пред пратениците. Пред речиси една недела ваквите мерки „извисија“ во Собранието, откако главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ побара дополнително време за да ги разгледаат.

„Заради што тој пакет на мерки кој е таму предложен, заедно со овој кој што е сега сила, практично се мерки кои, еве гледаме се користат и имплементираат и во други европски земји, и веруваме дека може значајно да го редуцираат преносот на вирусот. Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет или друга форма на мерки не треба да се имплементираат, ниту да се препорачуваат. Уште еднаш, апел, сите да се придржуваат до овие мерки, така со сопствената одговорност ќе придонесат за тоа епидемијата да стивне“, рече Филипче.

Владата пред помалку една недела донесе одлука со која се ограничи работното време на угостителските објекти до 23 часот, освен за оние кои вршат достава, а дополнително одлучи да се ограничи капацитетот на шатници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Во текот на вчерашниот ден во земјава беше регистриран рекорден број на починати од Ковид-19, дури 22 лица. Бројот на активни случаи во земјава сега изнесува 7.408 лица, додека вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 26.954 лица.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here