Далечинското учење продолжува да се одвива со проблеми како за наставниците, така и за учениците, кои и натаму чекаат националната платформа конечно да проработи онака како што треба.

Со голема потешкотии во наставата на далечина се соочуваат и самите родители, кои покрај технички средства и стабилен интернет, мораат да им помогнат да своите деца и при приклучувањето во онлајн часовите.

-Новата година почна, а проблемите се стари. Интернет конекцијата дома ни паѓа, немаме стабилен интернет, па буквално мачиме мака со онлајн учењето – вели Ристе Петров, татко на шестооделенец во основното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром.

Токму поради очекуваните технички проблеми од претходно од Министерството за образование и наука информираа дека на Македонската радио телевизија ќе бидат емитувани кратки 15-минутни часови, со цел и тие ученици кои немаат средства за следење на настава на далечина, да можат часовите да ги гледаат на телевизија.

-Пробавме да следиме настава и преку телевизија, но тоа е прекратно и многу површно. Едноставно неможе преку 15-минутен час да се совлада цел материјал. Идејата е добра, но не е реализирана целосно – додава Петров, кој смета дека часовите на телевизија не се идеален начин за следење на наставниот процес.

Од МОН инсистираат дека онлајн наставата се одвива без проблеми

Министерството за образование и наука од претходно информираше за зголемениот број на ученици кои поради тоа што се во изолација наставата наместо со физичко присуство ја продолжуваат онлајн, а тврдат и дека таа се одвива без посебни потешкотии.

И министерката Мила Царовска при вчерашната посета на училиште во Кочани истакна дека онлајн наставата функционира успешно, не само во конкретното средно училиште, туку и на ниво на цела држава.

-Она што би сакала да го потенцирам е дека онлајн наставата успешно функционира и на ниво на држава, односно 88% од учениците без потешкотии ја следат наставата од своите домови. Тоа покажува дека имаме континуитет во образовниот процес во државата – рече Царовска.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here