Досегашниот директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски заминува на нова позиција. Владата го именуваше за в.д. директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

На негово место во ФИТР, како што веќе објавивме, доаѓа потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.

Ова се дел од кадровските решенија донесени на синоќешната седница на Владата. Меѓу другите, се и препорака до Управниот одбор на „Македонија пат“ да го избере Самка Ибраимовски за в.д. заменик-директор. Ибраимовски, кој е претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), во претходниот мандат на владата на СДСМ кратко беше министер без ресор, а потоа стана пратеник.

Смени има и во Државниот просветен инспекторат. Досегашниот директор Томе Спировски е разрешен, а за в.д. е именувам Ардиан Муслиу.

Од директорската функција во Службата за просторен информативен систем е разрешен Беким Халими, а на негово место е именувам Митко Крстевски.

Бесник Елези, пак, е именуван за в.д. заменик-директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Повеќе смени се направени и на директорските функции во Управата за извршување на санкции и затворите, кои се под нејзина надлежност.

Јовица Стојановиќ, кој досега беше директор на Управата, е разрешен на негово барање и заминува на пониска позиција – в.д. директор во казнено-поправниот дом Идризово со отворено одделение во Велес. На оваа функција досега беше Александар Донев, кој е разрешен.

Нов в.д. директор на Управата е Марјан Спасовски, кој, пак, досега беше директор на отвореното одделение во Крива Паланка во рамки на затворот „Куманово“.

На позицијата која досега ја извршувал Спасовски е назначен Ненад Цветковиќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here