Вакцината против ковид-19 што заеднички ја развиваат Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“ предизвикува силен имунолошки одговор кај лицата во 60-ти и 70-ти години, зголемувајќи ги надежите дека ќе може да ги заштити возрасните групи кои се во најголема опасност од вирусот. Истражувачите кажаа дека охрабрувачките резултати се базираат врз 560 здрави волонтери.

Резултатите од третата, завршна фаза на тестирањето ќе бидат објавени во наредните недели. Вакцините „Модерна“, „Фајзер/БиоНТек“ и „Спутник“ веќе покажале добри прелиминарни резултати од третата фаза, обезбедувајќи заштита од над 90%.

„Пресреќни сме со резултатите кои покажуваат силен имунолошки одговор дури и кај лицата постари од 70 години. Сѐ уште не можеме да кажеме дека вакцината штити од ковид-19 и податоците веројатно ќе бидат објавени пред Божиќ. Не постои натпревар помеѓу производителите на вакцини, секако ќе ни требаат повеќе различни вакцини“, изјави Ендрју Полард, водачот на истражувањето на Оксфорд.

Главен предизвик во развојот на вакцина против ковид-19 е телото да се натера да се бори против вирусот без разлика на возраста. Од Оксфорд велат дека нивната вакцина има слично дејство кај лицата меѓу 56 и 69 и над 70 години, како и кај лицата меѓу 18 и 55 години.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here