Стојан Ѓуроски повторно е во акција, откако ги надмина сите здравствени проблеми со кои се соочи во изминатиот период и веќе се вклучи во тренажниот процес на една од најдобрите екипи во шпанската Втора лига.

Непосредно пред репрезентативните обврски, Ѓуроски доби позитивен наод и беше изолиран од екипата. Новиот вирус го помина без симптоми, па откако излезе негативен на последните тестирања, доби „зелено светло“ за тренинг.

„Добив негативен тест на последната медицинска проверка. Веќе почнав со тренинзи и тоа е во овој момент најдобрата можна вест која можев да ја добијам. И претходно немав симптоми, но поради позитивниот тест морав да останам во изолација и без тренинзи со екипата, но и оние предвидени настапи за нашиот национален тим во Талин, кои за жал, не ги одигравме“, коментира Ѓуроски.

Вели дека доволно одморил, а веќе овој викенд му следуваат и новите обврски со ХЛА Аликанте.

„Ни претстои важен и тежок натпревар, против екипата на Гранада. Тие се на втората позиција во нашата група, со една победа помалку во однос на нас. Натпреварот се игра во недела, значи ќе имам уште некој ден плус за подготовка. Ќе видиме како сето тоа ќе функционира. Најважно е да ја продолжиме серијата на победи кои и нè донесоа на првото место во групата“, потенцира македонскиот репрезентативец

По шест одиграни кола тимот на Ѓуроски е единствениот без пораз во ЛЕБ Оро лигата на Шпанија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here