Во пресрет на новогодишните празници, а во обид да се спречи ширењето на коронавирусот Комисијата за заразни болести предлага нови мерки, меѓу кои, и забрана за работа на угостителските објекти по 18 часот. Угостителите се незадоволни од оваа препорака и бараат да работат до еден часот по полноќ.

Од овој петок па до 21 јануари угостителските објекти да затвораат во 18 часот, хотелските ресторани во 21 часот, да нема прослави на работните места, да се забрани групирање на плоштадите за прослава на Новата година. Потоа останува во сила забраната за собири на јавни места, а единиците на локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Истите правила за забрана за собири важат и за одбележувањето на верските празници, а внатре верските објекти да се пополнат со 30 отсто од капацитетот и сите да бидат со маски. Ова се предлози на Комисијата за заразни болести кои Министерството за здравство ќе ги достави до Владата која ја има конечната одлука.

„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

На состанокот на кој се дискутираше за рестриктивните мерки во пресрет на новогодишните и божикните празници присуствуваше и претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски. Тој излезе незадоволен од ваквите препораки. Вели дека ниту едно од нивните барања кои ги доставиле во писмена форма не било дискутирано, туку биле веднаш биле отфрлени, а од министерот Филипче во почетокот на состанокот биле информирани дека планот е угостителските објекти да се затвораат од 18 часот.

„Ова беше само фарса пред јавноста и пред комората за да на некој начин укажат дека одлуките што ги наумиле ќе ги донесат без разлика на реалноста и ефектите што тие ќе ги предизвикаат“, вели Јосифовски.

Тој рече и дека побарале докази дека во некој угостителски објект се проширила заразата на коронавирусот но одговор од комисијата не добиле. Инаку, досега угостителските објекти работеа до 21 часот, а барањето на комората беше за време на новогодишните празници да можат да работат до 1 часот по полноќ. Сега најавуваат дека ќе ги почитуваат мерките што ќе донесат, но бараат целосно обештетување за штетата која им ја правела ,како што вели Јосифовски, владата со ваквите одлуки.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here