Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија” поднесе интерпелација за работата на вицепремиерот Никола Димитров. Пратеникот Антонијо Милошоски образложи дека Димитров треба да замине од функцијата бидејќи го игнорираше парламентот одбивајќи ги поканите на собраниската Комисија за надворешна политика каде требаше да ги образложи владините политики во спорот со Бугарија, но и дека манипулирал со изјавите дека споровите со соседите се решени и дека е добиен датум за преговорите со ЕУ. 

Во текстот на интерпелацијата се вели дека надворешната политика на државата бележи низа неуспеси, особено во контекст на блокираниот процес на европските интеграции во втората половина на 2020 година. Првата причина за поднесување на интерпелација е односот на  заменик претседателот  на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров кон Собранието и пратениците:

„И покрај уставната обврска (член 92) каде е наведено дека секој член на владата за својата работа одговара пред Собранието, како и европската демократска пракса дека секој член на владата има обврска да се одзве на поканата на работните тела на Собранието и да размени мислење, да одговори на прашања или да реферира за својата работа, вицепремиерот Никола Димитров два пати ги одби уредните покани за присуство на Комисијата за надворешна политика, а во врска со темата македонско-бугарски односи и нивниот контекст за европските интеграции. Неговото образложение дека не дошол на седниците на Комисијата од страв да не го загрози неговото здравје беа само дополнителна девалвација на пратениците како избраници на народот, а исто така и потценување на работата на сите пратеници и министри кои секојдневно учествуваат во работата на Собранието”.

Како што информира пратеникот Милошоски, друга причина е тоа што Димитров во неколку наврати ја манипулираше јавноста, но и Собранието, дека се решени споровите со сите соседи и дека како резултат на тоа државата добила безусловна одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ, и дека во текот на 2019-та односно во текот на 2020-та година ќе се одржи и првата македонско-европска меѓувладина конференција.

„За жал, освен двегодишна неизвесност, проследена со чести национални понижувања од страна на соседна Бугарија кои се однесуваа на многу чувствителни теми за македонскиот народ и за македонскиот јазик, ветувањата и уверувањата на членот на владата Никола Димитров за безусловен почеток на преговорите останаа само празни зборови, со што и оваа 2020 година завршува со неуспех и разочарување на планот на европските интеграции, што е негов ресор во владата”, рече Милошоски.

Тој потсети и на интерпелацијата од пред три години кога Димитров на Собранието му одговорил дека Договорот со Софија ги потврдува добрососедските односи и „обезбедува поддршка од нашиот сосед Република Бугарија на патот на целосна интеграција во ЕУ”.

„Неуспехот кој го доживеа Македонија за време на германското претседателство во 2020 година е доволна потврда за тоа дека членот на владата Никола Димитров и порано и сега ја доведувал во заблуда македонската јавност, како и пратениците во Собранието, а за поразителниот исход на последниот Совет на ЕУ самиот тој како ресорен министер носи најголема политичка одговорност. Дополнително, Секретаријатот за европски прашања со кој раководи членот на владата Никола Димитров е институција која што во изминатиов период требаше да бида најактивна, институција чии резултати требаше да бидат највидливи за граѓаните. Но, наместо тоа СЕП е претворена во прилично пасивна институција, без потребната транспарентност во својата работа. Секретаријатот за европски прашања во изминатите 100 дена од својата работа нема реализирано ниту еден видлив проект од кој македонските граѓани би имале корист”, стои во текстот на интерпелацијата.

Милошоски рече дека премиерот Зоран Заев самиот требаше досега Димитров да го разреши од функцијата, но и дека самиот Димитров, доколку имал чувство на одговорност, требаше да си поднесе оставка. Целта на интерпелацијата, рече Милошоски, е да се спречат натамошни штетни одлуки за државата кои би можел да ги донесе Димитров.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here