По појавата на нова мутација на коронавирусот се зголемува бројот на земји кои забранија патување од или во Британија. Македонската влада ги забрани летовите од Британија, и воведе 14-дневна самоизолација за патниците што директно или индиректно пристигнуваат од таа земја.

Владата на Британија деновиве ја предупреди Светската здравствена организација за откривање на нов вид коронавирус.

Се чини дека ова го забрзува ширењето на ковид-19, бидејќи претставува околу 60 насто од случаите откриени во Лондон во последните неколку недели.

Новооткриената варијанта се нарекува „ВУИ – 202012/01“, име што произлегува од „Варијанта под истрага“ и содржи неколку мутации.

Според првите проценки, таа има повисоко ниво на инфективност. СЗО со порака на Твитер потврди дека е во „близок контакт“ со здравствените власти во Британија.

Оваа организација посочи дека ќе ги информира земјите-членки и јавноста „за карактеристиките на оваа варијанта на вирусот и можните импликации“.

Британскиот министер за здравство Мет Хенкок во интервју за британската мрежа Скај њуз изјави дека ситуацијата е „крајно сериозна“ и оти откриената варијанта на коронавирус циркулира „надвор од контрола“. Од оваа причина, како што рече тој, Владата мораше да дејствува „брзо и решително“.

Британскиот премиер Борис Џонсон на 19 декември објави заострени ограничувања во Лондон и во други делови на Англија со кои се опфатени повеќе од 16 милиони луѓе. Британија во неделата забележа скоро 36.000 потврдени случаи – околу двојно повеќе од пред една недела.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here