Не чекаме само донации, се користат сите инструменти и навреме се почнати сите процедури за набавка на вакцина против ковид-19, порача денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.

Тој вели дека се обезбедени 833 000 вакцини за околу 400 000 граѓани и треба да пристигнат во првите месеци од 2021 година.  Покрај механизмот Kовакс, нагласи Арсовски, во тек се преговори и за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините, а предвиден е и трет механизам преку ЕУ со кој треба да се набават 200 милиони вакцини за земјите членки и дополнителни 100 милиони дози за европските земји надвор од Унијата.

Арсовски рече дека сѐ уште не се знае колку вакцини и кога Бугарија ќе ѝ донира на Македонија. Не се знае ниту кога и колку вакцини треба да стигнат од Грција.

Владиниот портпарол рече дека први ќе бидат вакцинирани лекарите, па хронично болните, возрасните лица и вработените во градинките, а ќе се вакцинираат и политичарите.

„Како што најави премиерот Зоран Заев, и тој ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на ковид-19“,

истакна Арсовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, владиниот портпарол рече дека најголем дел од ковид-пациентите во земјава кои починале имале и други болести, што дополнително ја влошиле нивната здравствена состојба.

Вели дека се води евиденција и дополнително ќе биде објавена детална анализа за целиот период, од почетокот на пандемијата.

„Околу 90 отсто имале најмалку една до две други болести, најчесто кардиоваскуларни, пулмолошки болести на бубрезите, дијабет, карцином во понапредна фаза или тешка хируршка интервенција“,

рече тој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here