Пакет од 70 милиони евра одобри Европската комисија за да помогне во финансирањето на набавките на вакцините против ковид-19 за земјите од Западен Балкан.

Помошта е обезбедена преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2) за да помогне во финансирањето на пристапот на партнерите од Западен Балкан до вакцините за ковид-19 набавени од земјите-членки на ЕУ.

Комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји рече дека ЕУ за време на целиот период на пандемијата покажа дека го третира Западен Балкан како привилегиран партнер.

„Ние продолжуваме да дејствуваме во овој дух и во случајот со вакцините, со преземање чекори кои ќе овозможат брз почеток на кампањите за вакцинација на приоритетните категории граѓани во регионот. Брзата вакцинација ќе биде одлучувачка за ставање крај на пандемијата, како и започнување на социо-економското закрепнување на Западен Балкан“,

рече Вархеји.

Финансиската помош ќе се исплаќа во форма на грантови кои ќе ги покријат трошоците за вакцините за приоритетните групи во регионот, како и потребната опрема за вакцинација.

Тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да набават голем број вакцини од договорите за авансна набавка на ЕУ со шест производители, а одделни земји членки на ЕУ ќе споделат дел од своите претходно доделени дози.

Иако ЕУ продолжува да ја поддржува иницијативата Ковакс, светскиот механизам за обезбедување правичен и универзален пристап до вакцините за ковид-19, кој го потпишаа сите партнери од Западен Балкан, испораката на вакцини според таа шема се очекува да започне подоцна од кампањите за вакцинација во ЕУ.

Оттука, пристапот до одреден број дози од договорите за набавка за ЕУ ќе му овозможи на регионот да започне со вакцинација паралелно со земјите членки на ЕУ.

Комисијата и Европскиот центар за контрола на болести исто така му помагаат на регионот во финализирање на стратегиите за вакцинација во согласност со препораките на Комисијата за да се обезбеди соодветна подготовка на кампањите. ЕУ, исто така, финансира проект со Светската здравствена организација (СЗО) за да помогне во управувањето со логистиката и испораката на вакцините.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here