Два силни земјотреса ја погодија Хрватска утрово. Првиот со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала се случи околу 6:30 часот, а подоцна околу 7:50 часот, земјата повторно се тресеше со интензитет од 4,9 степени.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар објави дека епицентарот на двата потреса е во близина на Петриње. Земјотресот бил почувствуван во Загреб, Риека и Сисак, каде што голем број граѓани излегле на улиците поради страв од нови потреси. Во целиот град се огласиле аларми на автомобилите, а според првичните информации во становите е причинета значителна штета.

Шефицата на Сеизмолошката служба на Хрватска, Инес Иванчиќ, ги предупреди граѓаните на можноста од нови земјотреси во наредните часови и денови во областа Петриња и Сисак.

„Ако магнитудата е пет, тогаш можноста за последователни земјотреси е многу веројатна“,

рече Иванчиќ.

Со неа се согласува и сеизмологот, Маријан Херак, од Геофизичкиот отсек на ПМФ во Загреб. Во изјава за ХРТ тој рече дека денешниот потрес дефинитивно не е дел од истата серија како оној загрепскиот од 22 март, туку станува збор за друго епицентрално подрачје и нагласи дека сигурно ќе има уште потреси во тоа подрачје.

Два часа по првиот земјотрес, кој утрово ги погоди Петриња и Сисак, со јачина од пет степени, граѓаните сè уште беа на улиците поради стравување од нов потрес.

Во селото Брест Покупски, со околу двесте жители, речиси и да нема куќа што не е оштетена, пишува загрепски „Јутарњи лист“. Покривите на некои куќи се распукаа, а покривот на локалната месна заедница е сериозно оштетен.

Лустери, искршени кујни и испукани sидови е глетката во многу куќи. Весникот пишува дека центарот на Петриња претрпел значителни штети.

На теренот има пожарникари кои отстрануваат оџаци од одредени куќи и згради затоа што постои опасност од нивно уривање.

Во меѓувреме хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ пристигнаа во Сисак, придружувани од министерот за здравство Вили Берош.

„Дојдовме да ги поддржиме нашите сограѓани во Петриња и Сисак. Каква што беше годината, така и заврши. За среќа, тука нема голема штета“,

рече Пленковиќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here