Германија денеска за прв пат потврди повеќе од илјада смртни случаи за 24 часа од ефектите на ковид-19, според податоците објавени од Институтот за инфективни болести Роберт Кох.

За еден ден, според Институтот (РКИ), биле потврдени 1129 смртни случаи и 22 459 новоинфицирани со коронавирус.

До денес, најголемиот број смртни случаи во Германија е потврден минатата среда, 962 случаи.

Во Германија, 32107 пациенти починале од ковид-19 од избувнувањето на пандемијата.

Институтот „Роберт Кох“ предупредува дека податоците објавени последниве денови се нецелосни затоа што санитарните власти на германските сојузни држави не му ги доставиле сите податоци заради Божиќните празници, па бројот на заразени и мртви значително се намалил за време на викендот.

Германија се справи со пандемијата поуспешно од другите земји на пролет, но е силно погодена во вториот бран и мораше да воведе делумно затворање што ќе трае најмалку до 10 јануари.

Властите ја започнаа вакцинацијата во неделата, како и во сите други земји на Европската унија, со вакцината на Фајзер-БиоНтех.

Првата вакцина им била дадена на вработените и жителите на домовите за стари и изнемоштени и лица над 80-годишна возраст.

Од почетокот на пандемијата, институтот Роберт Кох потврди 1,68 милиони лица заразени со коронавирус, пишува агенцијата Dpa, додавајќи дека според истиот извор, опоравени се околу 1,3 милиони луѓе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here