Трудовите инспектори во Штип од денеска се во интезивни контроли во фирмите за кои имало пријави од вработени дека исплатиле минимален К-15 или дека некои работници добиле, а некои не добиле регрес за годишен одмор. Раководителот на инспекторатот во Штип Методи Дамјански вели дека од вчера се врши комплетен надзор на сите пријавени фирми.

Инспекторатот ги сумирал добиените 20 пријави до крајот на 2020 и од вчерашниот прв работен ден во новата година инспекторите се на терен.

„Добивме пријави од дваесетина вработени. Најголем дел од пријавите се однесуваат за неисплатен регрес на дел од вработените, додека некои вработени во пријавените компании добиле регрес. По контролите и констатирањето на фактичката состојба ќе уследат пријави и доколку фирмите не ги почитуваат нашите решенија ќе бидат казнувани по закон“, вели Дамјански.

До Државниот трудов инспекторат во Штип и за 2019 имало дваесетина пријави за неисплатен регрес, но по контролите и поднесените решенија сите опоменати фирми ги почитувале мерките во законскиот рок и исплатиле К-15. Се очекува тоа да се случи и годинава со регресот за 2020.

Пријави од обесправени работници има добиено и граѓанското здружение „Гласен текстилец“, кое исто така ги охрабрува вработените да си ги бараат своите права и сите нарушувања да ги пријавуваат до нив. Здружението веќе добило 50 пријави за неисплатен или делумно исплатен К-15.

Според Кристина Ампева од здружението, имало пријави дека некои компании исплатиле К-15 само 250 денари, некои по 1000 или 2000 денари поради лошата финансиска состојба, но имало компании кои ги информирале вработените да не очекуваат К-15 и за тоа да не зборуваат ако сакаат да си ги задржат работните места. На прсти можат да се избројат компаниите кои исплатиле максимален К-15.

Од „Гласен текстилец“ инсистираат трудовите инспектори и Управата за јавни приходи да ги анализираат и годишните извештаи на компаниите, да ги санкционираат фирмите кои оствариле добивка, а воопшто не исплатиле К-15 и да бараат од нив тоа да го сторат до крајот на првото полугодие од годината. Во спротивно, да се применува Кривичниот законик кој предвидува казни за правното лице, но и за работодовачите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here