Американската администрација за храна и лекови (ФДА) го предупреди медицинскиот и лабораторискиот персонал дека генетските мутации на коронавирусот, вклучително и варијантата Б.1.1.7 откриена во Велика Британија, може да доведат до лажно негативни резултати од молекуларните тестови (ПЦР) при тестирање на ковид-19.

ПЦР-тестот е молекуларна постапка заснована врз докажување на присуство на вирусна РНК молекула.

Агенцијата го предупреди персоналот на клиничките лаборатории и даватели на здравствени услуги за можни лажно негативни резултати на кој било ПЦР тест и ги повика внимателно да ги разгледаат ваквите резултати во комбинација со клинички опсервации и да го повторат тестот, но со поинаков тест доколку сеуште постои сомневање за ковид-19.

Лажно негативен резултат може да се појави кај кој било ПЦР тест доколку мутацијата се случила во делот на неговиот геном кој тестот го испитува, предупредува ФДА, додавајќи дека, сепак, опасноста од ваквите мутации да влијаат на целокупната точност на тестирањето е мала.

Агенцијата забележа дека со анализа е откриено дека на резултатите од трите тестови за коронавирус одобрени за итна употреба во САД можат да влијаат генетските мутации на коронавирусот, но се чини дека тоа влијание не е од големо значење.

Позаразната варијанта на ковид-19 што ја погоди Велика Британија е забележана во најмалку пет држави во САД, објави минатата недела директорот на Националниот здравствен институт Френсис Колинс, а научниците во петокот рекоа дека новоразвиената вакцина треба да биде исто толку ефикасна и против новата варијанта на коронавирус.

Стивен Хан од ФДА истакна дека Агенцијата ќе продолжи да ги следи генетските мутации на коронавирусот за да се осигура дека сите досега одобрени тестови даваат точни резултати.

„Ќе продолжиме да работиме со овластените компании кои работат на развој на тестови и внимателно ќе ги проучуваме податоците за да се осигураме дека сите пациенти заразени со САРС-КоВ-2 се дијагностицирани, вклучително и оние заразени со мутираните соеви“, рече Хан.

ФДА сега верува дека вакцините кои во моментов имаат дозвола за употреба се сепак ефикасни во заштитата од мутираните соеви. Лекарите и јавноста ќе бидат информирани за потенцијални нови сознанија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here