ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта за изгубеност бидејќи не се знае кога точно ќе почне процесот на вакцинација, како и дека се доцни со набавката

Првите вакцини пристигнуваат во земјата веќе од наредниот месец! Обезбедени се 800 000 вакцини за цела 2021 година, а првите дози од вакцината на „Фајзер“ ги очекуваме веќе во февруари, порачуваат од владејачкиот СДСМ барајќи од граѓаните трпение и почитување на мерките.

Од СДСМ повторуваат дека вакцини Владата ќе обезбеди и преку два други дополнителни механизми. Едниот е преку „Ковакс“ од каде се очекуваат уште 833 000 вакцини, а другиот се преговорите со земјите-членки на ЕУ кои се подготвени да отстапат дел од нивните вакцини.

„Вкупно, преку сите три механизми во оваа година треба да се обезбеди вакцинација за 1,2 милиони жители на Северна Македонија, односно за околу 60 отсто од вкупното население. Вакцинацијата е последната фаза од борбата против коронавирусот. Институциите се подготвени, следува процес на имунизација на целото население, за конечна победа над пандемијата. Затоа е потребно трпение и дисциплина од секој еден од нас, за што побрзо да се вратиме во нормалните текови на животот“,

велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, и денеска ја обвинуваат власта за изгубеност бидејќи не се знае кога точно ќе почне процесот на вакцинација, како и дека се доцни со набавката.

„Без никаков срам СДСМ и понатаму продолжува да се фалат за вакцината против ковид-19 кога сè уште не се знае кога граѓаните ќе можат да ги добијат вакцините и колкава ќе биде бројката. Во сите држави во регионот веќе стигна и втора тура на дози од вакцините против корона, во Македонија, Заев и Филипче не успеаја да набават ни прва, а не пак да почне вакцинација“,

велат од опозицијата.

Сè додека не се знае терминот за старт на имунизацијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се е џабе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here