Во Извештајот на УНЕСКО со стотина страници за состојбата во Охридскиот регион се наведени сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки и неостварени ветувања за подобрување и најверојатно Охрид ќе се најде на листата на загрозени светски природни и културни богатства.

Според она што може да се види во документот, како што објави МИА, властите, како на национално така и на локално ниво, не ги исполниле преземените обврски од 2017 година за намалување, односно отстранување на „индентификуваните закани по заштитеното подрачје“. Напротив, дури и се посочуваат примери на продолжување на практиките на постапување спротивно на предупредувањата посочени во Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година. Како што се наведува во извештајот, сѐ уште постојат и се разработуваат планови и проекти што не соодветствуваат на статусот на УНЕСКО, а се нотирани и нови закани. Меѓу другото, забелешките нотирани во нацрт-извештајот се однесуваат на веќе познатите проблеми, пред сѐ прекумерната и неконтролирана урбанизација, бавноста во справувањето со дивоградбите, како на крајбрежјето така и во заштитеното градско подрачје, но и дерогирање на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството депонија за цврст отпад…

Во документот се посочува и на отсуството свест кај населението за одговорен однос кон светските културни и природни вредности, се забележува одлагање шут ѓубре на диви депонии, поставување соларни колектори на куќите во Стариот дел на Охрид со што се нарушува автентичниот изглед заради кој е доделен статусот светско културно богатство, па и поставувањето урбана опрема и тенди од најразличен изглед и боја во непосредна близина на светските културни вредности и споменици на културата. Не се поштедени ниту институциите формирани за да се грижат за спомениците на културата и на природата, има несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти, се премолчувало или замижувало пред урбаното насилство врз културните вредности.

Документот содржи листа препораки со задолженија што мора да се спроведат, меѓу кои има обврски што мора да се реализираат неодложно и веднаш, за некои точки даден е рок за нивно спроведување, додека одредени проекти и планови ќе мора да бидат целосно отфрлени, каков што е планот за изградба марина во Студенчишкиот канал. Се посочува и на потребата од изнаоѓање алтернативни траси на далноводи, за железничката пруга на Коридорот 8, за гасоводот Битола – Елбасан, за автопатската делница Требеништа-Струга, контрола на степенот на искористување на водата од Езерото за производство на електрична енергија, пренасочување на реката Сатеска во старото речно корито…

Дури се оспорува и реализацијата на проектот за реконструкција на Кејот „Македонија“ во Охрид.

И додека УНЕСКО критикува, локалната власт се фали со значајни чекори за зачувување на статусот на УНЕСКО. Во соопштение до јавноста, од Општина Охрид велат дека покажале вистинска грижа за „нашето непроценливо национално богатство“.

„И покрај тоа што се работи за еден сложен процес, кој бара огромен ангажман, време и средства, преку заедничко делување и соработка започнавме да спроведуваме сериозни активности со кои ставаме крај на децениската деградација на овој регион и овозможуваме услови за поголема заштита“, велат од Општината.

Оттаму набројуваат што е направено, почнувајќи од сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини.

„Беа стопирани штетните проекти за изградба на Ски Центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид – Св.Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно претпријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, за прв пат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави“, се наведува во соопштението.

Исто така, бил изготвен инвентар на бесправно изградени објекти и бил воведен времен мораториум за градба на целата територија на општината, потоа спроведени се активности за отстранување на бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации, коишто ќе продолжат и понатаму. Започнал процес за изготвување на урбанистички планови за 18 охридски села, воспоставен е нов режим на сообраќај со електронска евиденција на возилата во стариот дел на градот и воведена е постојана пешачка зона на дел од улица „Кеј Македонија“. Исто така, била изготвена „Студија за валоризација на просторот на Студенчишко блато заради негово прогласување за заштитено подрачје“ и биле спроведени активности за отстранување на рекламните билборди и неавтохтоните насади-палми.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here