Заморот и проблемите со спиењето се најчестите симптоми по болеста ковид-19 и се јавуваат кај 23 проценти од пациентите, шест месеци по дијагностицирањето

Една нова кинеска студија тврди дека многу од лицата, кои биле на болничко лекување од ковид, симптомите ги чувствувале и во наредните шест месеци по третманот.

Откриено е дека заморот и проблемите со спиењето се најчестите симптоми по болеста ковид-19 и се јавуваат кај 23 проценти од пациентите шест месеци по дијагностицирањето.

Истражувањето е спроведено на повеќе од 1 700 лица кои биле лекувани во кинескиот град Вухан, кој беше епицентар на пандемијата. Резултатите покажале дека 76 проценти од нив имале од барем еден симптом неколку месеци откако биле пуштени од болницата, објави Си-ен-ен.

Ова е најголемата студија досега, која е објавена во медицинското списание „Лансет“.

Исто така, се посочува дека дури и луѓето што успешно заздравуваат од инфекцијата може да чувствуваат долгорочни последици по здравјето.

Се верува дека болеста може да има и долгорочни психолошки компликации, како што се анксиозност и депресија, кои биле забележани кај 23 отсто од пациентите.

Кај лица што имале потешка клиничка слика, по инфекцијата е забележано континуирано оштетување на белите дробови.

„Бидејќи ковид-19 е нова болест, ние само што започнавме да откриваме некои од нејзините долгорочни последици по здравјето на пациентите“,

вели Бин Као од кинескиот универзитет „Капитал“, кој го предводел истражувачкиот тим.

Тој додава дека анализата покажува дека некои луѓе продолжуваат да живеат со некои последици од вирусот, дури и по напуштањето на болницата, па ја потенцираше потребата од дополнителна нега по отпуштањето, особено за оние што имаат тешки инфекции.

„Нашата работа дополнително ќе биде насочена кон проучување на поголема популација, така што во следната студија ќе имаме поцелосна слика за сите последици што може да ги има ковид-19 врз луѓето“,

нагласува Бин Као.

Многу истражувачи ширум светот досега ги проучувале ефектите што ги има инфекцијата со коронавирус врз пациентите. Меѓу нив и лекари од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кои честопати се повикувале на студии за симптомите што останале по третманот.

Тие, исто така, како најчести ги наведуваат заморот, отежнатото дишење, кашлицата и болките во зглобовите и градите. Другите последици, како што се тешкотии при концентрација и т.н. „мозочна магла“, потоа депресијата и главоболките, исто така се сметаат како долгорочни последици од оваа болест.

Студија објавена во британското медицинско списание во август минатата година покажа дека околу 10 проценти од пациентите имале „продолжено заболување“ по третманот со ковид-19, кој траел повеќе од 12 недели.

Но, сепак, оваа кинеска студија е најголема досега, со најдолго следење, која го истражуваше долгорочното влијание врз отпуштените пациенти.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here