Тука завршува партиското влијание врз работата на Државната изборна комисија, порача новиот претседател на комисијата, Александар Даштевски по свечената изјава во Собранието. 

Даштевски, кој доаѓа на функцијата со поддршка од ВМРО ДПМНЕ, најави дека новиот состав ќе работи стручно и професионално. Не смета дека неговиот избор се должи поради блиска соработка со поранешниот премиер Груевски и актуелното раководство на опозициската партија.

Новиот состав на комисија првиот работен ден ќе го има в понеделник допрва ќе се запознаат со постапките во Комисијата, што ќе треба да се продолжи и кои процедури ќе треба да се почнат за подготовка на локалните избори наесен меѓу кои и набавка на читачи на отпечаток од прст.

Даштевски не го коментираше процесот околу пописот ниту пак дали резултатите ќе имаат влијание врз изборите.

Тројца од членовите на ДИК остануваат и натаму на своите позиции – Борис Кондарко и Радица Ристеска, кои се предложени од СДСМ и Дитмире Шеху, која доаѓа на предлог од ДУИ, и е сегашен потпретседател на ДИК, како и во мандатот што завршува денеска.

Нови членови на ДИК покрај Даштевски, се и Бобан Стојановски предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Ристовски на предлог од СДСМ и Кренар Лога од Алијансата на Албанците. Денеска им истече мандатот на Елизабета Постолоска, на Јанаке Витановски и на Енвер Салихи, како и на сега веќе поранешниот претседател на ДИК Оливер Деркоски, за кој што се води и истрага за набавката на софтверот за евиденција на резултатите од изборите лани.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here