Министерството за образование и наука и Сојузот на средношколци си ги повторија меѓусебно ставовите и уште еднаш си разменија апели, без некој од нив да отстапи од своите барања.

Од МОН побараа матурантите и средношколците да продолжат со наставата по веќе воспоставниот комбиниран модел, бидејќи како што велат, тоа е во најдобар интерес на сите ученици, но и во интерес на заштитата на јавното здравје. Од Сојузот, пак, нагласуваат дека бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, тука за нејзино изменување за оваа учебна година. Тие не се согласуваат дека „бојкотот е неоправдан“. За нив, предложените измени се целосно разумни.

Министерката Мила Царовска денеска повторно онлајн се сретна со директорите на средните училишта. Заклучокот е дека МОН има законска обврска да ја организра матурата за учениците коишто планираат да го продолжат образованието, а е услов за запишување на факултетите во државата и во странство.

„Според податоците на училиштата полагање на матура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година. Mатурата, којашто е право на избор и на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите ќе им биде овозможено да полагаат. На состанокот беше посочено дека уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети“, велат од министерството.

На ова реагира Сојузот велејќи дека аргументот на МОН за учениците кои пријавиле матура во декември е несоодветен.

„Во декември, матурантите не беа сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата (имаше матуранти кои бараа нејзино откажување). Токму затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина“, гласи нивната реакција.

Сојузот повторно апелира до институциите да ги прифатат нивните барања.

„Преставници на Сојузот беа поканети и прифатија учество во работна група за концепцијата за матура, но оваа концепција би се применувала од идната учебна година. Секоја комуникација на Сојузот со институциите има една цел – градење на подобар образовен процес“, велат тие.

Од МОН посочуваат дека во концептот за матура предвидена е и училишна матура, која е избор на учениците што нема да полагаат државна матура. Таа опфаќа избор само на дава предмета (задолжителен и изборен) и проектна задача. Исто така, матурантите од средните стручни училишта имаат можност да изберат и завршен испит, со истиот концепт од два предмета, задолжителен и изборен и проектна задача.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here