Во обид да се спречи ширење на новиот позаразен вид на коронавирус, дел од земјите воведуваат построги мерки. Македонските власти немаат донесено нови мерки, а експертите велат дека постојните се во согласност со економските можности на државата.

Во Македонија во изминативе денови беа ублажни дел од мерките за заштита од коронавирусот со одлука за продолжување на работата на кафулињата до 21 часот, а има и размислувања од Владата за враќање на администрацијата на работа од оваа недела, додека во земји во регионот и во Европа поради страв од новиот вид на корона вирус на сила се нови рестриктивни мерки.

Од Mинистерството за здравство велат дека актуелните мерки за сузбивање на пандемијата даваат резултат, а дека за нови мерки не се размислува, притоа апелирајќи доследно да се почитуват актуелните мерки за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.„Мутацијата на вирусот е нешто очекувано и беше невозможно да не се случи. Мутацијата како што се случи во многу земји во регионот, така се случила и во нашата земја, односно вируст сам измутирал и кај нас. Карактеристично за РНК вирусите е што многу брзо се адаптираат. Досега има изолирани 20 сетина соја на СарсКов2, што укажува на тоа дека кога ќе има пречка на трансмисијата, а тоа се превентивните мерки, тогаш вирусот се адаптира и тоа се случува насекаде во светот. Носењето маска, држењето дистанца стануваат клучни посебно со оваа мутација на вирусот, кога тој има поголема трансмисија“, се наведува во одговорот што Радио Слободна Европа го доби од Министерството, на прашање дали ќе има нови мерки.Од таму ни кажаа и дека „засега нема нови рестириктивни мерки за влез во нашата земја, односно дека конкретно патниците кои доаѓаат во РСМ не треба да покажат ПЦР тест“.

Микробилогот Никола Пановски за Радио Слободна Европа вели дека мерките за заштита од коронавирус кои се на сила кај нас, се во согласност и со економските можности на државата дополнувајќи дека „и да не се доволни се единствено можни“.

„Нема капацитет за построги мерки, а актуелните релативно даваат резултат. Да се надеваме дека ќе даваат резултат и за новиот сој, секако ако се почитуваат мерките, зборувам за ситуација кога ќе се прошири новиот вид, сега веројатно не е проширен според бројот на нови случаи“, вели професор Никола Пановски.

Пановски додава дека очекува да биде донесена одлука административните работници да не се вратат на работа поради новонастанатата ситуација со мутацијата на вирусот.

„Мислам дека не треба да се вратат, никакви разлабавувања на мерките не се потребни, овие што се да останат. Добро би било да има поригорозни, но мислам дека не може. Ако треба веќе ригорозни мерки да се носат требаше во октомври- ноември кога имаше по 1500 случаи на заразени дневно. Кога тогаш не се направија мерки зошто би се правеле сега“, вели професорот Пановски.

Од Владата неодамна соопштија дека од февруари годинава се планира да се врати принципот на работа и работниот процес на државната и јавна администрација во полн состав со полно работно време со оглед на тоа дека бројот на заразени од ковид-19 е намален. Одлука за ова треба да биде донесена утре.

Во земјава досега е потврден најмалку еден случај на мутираниот вирус кај 46 годишен човек кој што на 6 ти јануари бил хоспитализиран со покачена температура и отежнато дишење, но сега е оздравен и нема здравствени проблеми. Во меѓувреме Лабораторијата на МАНУ утврдува дали медицинскиот тим на Клиниката за нефрологија е заболен од британскиот сој на коронавирусот. Надлежните не ја исклучуваат оваа можност бидејќи 29 здравствени работници од оваа клиника заболеле во исклучително кус временски период.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here