Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и натаму ќе ја извршува функцијата откако опозициската иницијатива за интерпелација синоќа не доби доволен број на гласови во македонскиот парламент. Точно на полноќ, „за“ интерпелацијата гласаа 53 од вкупно 58 опозициски пратеници во овој состав, така што недостигаа уште осум гласа за таа да биде прифатена. Вкупно 55 пратеници од мнозинството, пак, гласаа „против“ интерпелацијата. Иницијативата за интерпелација ја поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а со неа се бараше одговорност од Димитров поради недобивањето датум за преговори со ЕУ, бугарската блокада, неприсуството на седница на собраниската Комисија за надворешна политика…

– Се чувствувам како пожарникар кој е ставен во позиција да му се правда на пироманот, изјави синоќа Димитров по крајот на гласањето.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски рече дека Владата не го исполнила ветувањето дека земјава формално ќе ги започне преговорите со ЕУ до крајот на 2020 година.

–Давањето лажни ветувања во политиката ја отвора дилемата за враќање на мандатот. Актуелниот заменик-претседател на Владата пред неколку месеци беше прв човек на МНР, беше вклучен во постигнувањето на Преспанскиот договор, како и на оној за добрососедство со Бугарија. Тоа се два асиметрични договори кои беа презентирани како извонреден успех, а од нив произлегуваат само проблеми и последици, рече Муцунски.

Најостар кон вицепремиерот беше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој во Собранието го нарече Димитров американски шпион и дека бега од Собранието како ѓавол од темјан. Димитров му реплицираше дека е политичар-инквизитор.

Во законодавниот дом опозиционерите веќе имаат поднесено барања за интерпелација и за вицепремиерот за борба против корупција Николовски, но и за министерот за правда Маричиќ бидејки Македонија тоне во корупција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here