Досега 14 лица што учествуваа на протестот за „Монструм“ минатиот петок, а кој го организираа семејствата на обвинетите откако обвинителството побара доживотен затвор, се повикани во полиција.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека ќе има пријави за организаторите поради непочитување на мерките, но и за лицата што учествуваа во инцидентите, односно во оштетувањето на зградата на МНР, на полициските возила и во нападите на полицајци.

„Протестите се демократски чин да се изрази некакво незадоволство од тоа што се случува во општеството. Меѓутоа, протестите не смеат да бидат нарушување на законите. Точно е дека е поднесена пријава против организаторот, затоа што пред сè не се придржувале до мерките, меѓутоа ќе има и кривични пријави за сите што извршиле оштетување на имотот на државата. Секое од тие лица ќе биде санкционирано. Ние работевме во единицата за насилен криминал и во текот вчерашниот ден се повикани 14 лица кои директно учествувале во ваквите насилства кон објектите или кон имотот на државата“,

рече Спасовски.

Од повиканите има само еден малолетник, кој е повикан во полициска станица со родител.

„Секој што прави кривично дело, не е важно која националност е, верска или политичка припадност, дали е малолетен или не, мора да сноси одговорност“,

рече Спасовски.

Протестниот марш следува откако во завршните зборови во повторениот судски процес обвинителката Фатиме Фетаи остана на обвинението дека во случајот со петкратното убиство кај Смилковско Езеро станува збор за тероризам и за тројца обвинети (Алил Демири, Агим и Африм Исмаиловиќ) побара доживотен затвор, за двајца (Хаки и Фејзи Азири) максимални затворски казни од 15 односно од 9 до 10 години, а за еден обвинет (Сами Љута) се откажа од прогон поради немање докази.

Вчера завршни зборови даде и одбраната, по што судот закажа рочиште за изрекување пресуда на 23 февруари.

Случајот во јавноста познат како „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година. На самото место беа убиени четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, како и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here