На денешната конференција пред Јавното обвинителство, Платформата за родова еднаквост испрати барања до  Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители за конечно разрешување на случајот Јавна соба и доследно пружање на заштита на жените жртви на родово-засновано насилство.

Од Платформата бараат обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март, кои ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.

Од Платфомата за родова еднаквост изјавија дека ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.

„На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Иако „Јавна соба“ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, после една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, изјави Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.

Таа додава дека според искуствата на жените кои со години добиваат бесплатна правна служба, постојат бројни пропусти во водењето на постапките.

„Од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите“, истакнува Коцевска.

За овие состојби здруженијата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители кој според нив недоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за родово-засновано насилство.

Здруженијата бараат и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања бидејќи низ годините, се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство.

„Од Вас очекуваме да преземете мерки во надлежност на Обвинителството и Советот за да обезбедите ефикасна заштита на животот и здравјето на жените жртви на насилство преку навремено, ефикасно, внимателно и сеопфатно спроведување на кривични постапки против сторителите, притоа имајќи предвид дека насилството врз жената не е личен и приватен проблем, туку Ваша одговорност. Ние повеќе не прифаќаме изговори или префрлување на одговорноста на другите институции, тука бараме резултати од обвинителството – веднаш“,  истакнува Коцевска.

Платформата за родова еднаквост испрати и барања до  Јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.

Побаран е кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“, но и  обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Понатаму, здруженијата побараа и доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и инстражни постапки во случаите на насилство врз жени, засилена контрола над работата на обвинителите во случајот „Јавна соба“ и изрекување на санкции согласно закон и започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени.

Од Јовески и Колевски се бара и донесување, фактична и доследна примена на внатрешна акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родово-засновано насилство, во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here