Поради актуелната состојба со коронавирусот и зголемениот број заболени на подрачјето на Општина Охрид, по налог на градоначалникот Константин Георгиески, од денеска општинската зграда ќе биде затворена за посети на странки.

Сите надлежни служби ќе работат непречено, а граѓаните кои имаат било каква потреба од општински услуги ќе може да се обратат на активните телефонски линии и електронските адреси на одделенијата и секторите од општината, што се достапни на општинската веб-страница. За граѓаните ќе биде достапен шалтер на општинската архива каде ќе можат писмено да се обратат.

Образложението е дека мерката се воведува со цел да се обезбеди поголема заштита на граѓаните и на вработените во администрацијата од ширењето на коронавирусот и обезбедување на услови за побезбедно функционирање на општинските служби. Мерката ќе важи до стабилизирање на состојбата со вирусот.

Општина Охрид упатува апел до граѓаните за максимално почитување на сите актуелни препораки за заштита и превенција од вирусот, кои се донесени од страна на Министерството за здравство и Владата.

Охрид е меѓу градовите посочени како жаришта на вирусот, со висок број новозаболени на дневна основа. Модуларната болница е целосно исполнета со ковид позитивни пациенти, а полно е и Одделението за геријатрија со сомнителни пациенти.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here