Курц остро ја критикуваше распределбата на вакцините против коронавирусот во ЕУ, тврдејќи дека таа не се одвива според договорениот клуч, односно врз основа на бројот на жители. Курц на прес-конференција рече дека дозите од вакцините во ЕУ поинаку се распределуваат.

Тој смета дека зад тоа стојат посебни договори на одредени членки со фармацевтските компании.

Додека Австрија во распределбата на вакцините се наоѓа на средина на листата, држави како Бугарија, како што вели, се во неповолна позиција. Според Курц, доколку овие трендови продолжат, тие земји дури на крајот на летото или на есен би можеле да спроведат целосна вакцинација. Други земји, додава тој, ќе бидат готови во мај.

Како пример, Курц ја наведе Малта, која по бројот на жители до крајот на јуни ќе добие трипати повеќе дози од Бугарија, а Холандија двапати повеќе дози од Хрватска.

Како причина, Курц ги наведе дополнителните преговори во управниот одбор на ЕУ. Таму, како што вели, владеела ситуација како на пазар и биле склучувани договори меѓу земјите-членки и фармацевтските компании.

„Нема индиции дека некој се однесувал неправедно, но резултатот е неправеден. Се надевам дека ќе се најде решение“, рече тој. Во врска со проблемот со вакцината на Астра зенека, Курц најави дека сите случаи ќе бидат детално испитани.

Тој посочи дека засега ниту еден смртен случај не може да биде поврзан со вакцината.

Курц во врска со ова најави дека тој лично ќе биде вакциниран со вакцината на Астра зенека.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here