Еврокомесарот за проширување на Европската унија (ЕУ), Оливер Вархеји, од Економскиот форум што се одржува во Тирана, порача „Македонија да го одржува темпото на спроведување на реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатераните прашања со Бугарија“.

Во однос на проширувањето на Унијата, Вархеји рече дека новата методологија во Унијата влијаела на нацрт преговарачките рамки за Албанија и за Македонија, а земјите членки се уште не постигнале согласност и дека дискусиите продолжуваат. Тој, како што рече во обраќањето, се надева дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат што е можно поскоро, за време на Португалското претседателство со Унијата.

За Албанија рече дека се исполнети сите услови, а за Македонија дека е важно да најде решение за прашањето со Бугарија.

„Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите. Северна Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Вархеји во обраќањето кое целосно е објавено на официјалната веб страница на Европската унија.

Тој потсети дека ЕУ ветила дека целиот регион на Западен Балкан ќе биде дел од Унијата, но и дека нивните партнери во регионот ветиле дека ќе испорачаат реформи за тоа да стане реалност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here