Бројката на попишани граѓани од дијаспората преку онлајн апликацијата надмина 60 000, информираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Најмногу граѓани има попишано од оние што се иселени во Швајцарија, околу 16 000, што претставува околу една четвртина од очекуваните бројки.

Следни се Германија со околу 10 000 попишани иселеници и Италија 6 000.

„Далеку послаби резултати имаме во Австралија и Канада“,

рече шефот на дипломатијата не соопштувајќи конкретни бројки.

Османи вели дека сè уште е рано и не сака да констатира дали ваквите бројки значат силен или слаб интерес. Остануваат уште 35 дена за иселените граѓани сами да може да се попишат, како и периодот од 1 до 21 април во кој ќе се спроведува пописот во земјава и граѓаните кои се тука ќе можат да ги попишат и иселените доколку го имаат нивниот матичен број. Според него, веројатно и дистанцата и степенот на информираност го прават своето.

Министерот вели и дека нема информации од дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) ниту од неговите лични контакти дека некој активно бојкотира или дава отпор за попишување во дијаспората, конкретно во Австралија.

„Меѓутоа, не можам да исклучам таква можност зашто не можеме сите наши граѓани да ги контактираме за да го слушнеме нивното мислење. Најважно е да стигне информацијата до граѓаните, очигледно не сите граѓани ја знаат важноста на процесот. Првпат ќе имаме точни бројки за нашите граѓаните во светот и ќе можеме да ги димензионираме нашите услуги, нашите конзуларни претставништва, но и да направиме политики за да го поттикнеме нивното враќање назад и да го спречиме нивото понатамошно заминување“,

вели министерот.

Во врска со проблемите со апликацијата за самопопишување, рече Османи, проблемот најчесто се јавува кога граѓаните ќе го внесат матичниот број од земјава, а во полето за држава ќе ја напишат државата во која се наоѓаат. Потребно е да напишат „Република Северна Македонија“ зашто во спротивно системот не ги препознава македонскиот матичен број во комбинација со друга држава.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here